Полска ја обвини Русија за „државен тероризам“ по серијата саботажи на стратешки железнички правци. Шефот на дипломатијата Радослав Сикорски изјави дека Русија испратила професионални саботери со намера да предизвика човечки жртви, а премиерот Доналд Туск го нарече инцидентот „најсериозен од почетокот на војната во Украина“.
По откриените оштетувања на пругите кај Варшава–Лублин, воведен е вториот највисок степен на тревога – нивото „Чарли“, со 24-часовно обезбедување и строги мерки кои ќе траат до крајот на февруари.
Осомничени се двајца украински државјани кои, според истрагата, работеле за руската разузнавачка служба и по нападот избегале во Белорусија. Истрагата покажала дека биле подметнати експлозиви и уреди за уривање на возови, но без поголеми последици.
Полска веќе подолго време е мета на саботажи од почетокот на руската инвазија на Украина, а досега се уапсени десетици лица за шпионажа и потпалувања. Туск предупреди и на силна руска дезинформациска кампања со цел создавање хаос и поттикнување антиукраинско расположение.
Полска ќе бара екстрадиција од Белорусија, ќе го затвори рускиот конзулат во Гдањск и ќе воведе ограничувања за движењето на руските дипломати. Москва ги негира обвиненијата и ги нарече „русофобични“.























