
Унгарија на 4 ноември почна да ги објавува регистрите на лица што комунистичката државна безбедност ги водела како информатори. Со тоа владата на премиерот Петер Маѓар исполнува едно од изборните ветувања на неговата партија Тиса и повторно ја отвора дебатата за одговорноста за време на диктатурата, пишува „Дојче веле“.
Датумот има симболично значење. На 4 ноември 1956 година советските сили почнаа со задушувањето на унгарското востание. Седумдесет години подоцна, на истиот датум, почна објавувањето на документите за мрежата информатори преку која тогашните власти го надгледувале населението.
Меѓу првите објавени материјали се регистарските картони со основни податоци за лицата заведени како информатори. До крајот на февруари 2027 година се очекува да бидат објавени и таканаречените Б-досиеја, една од најобемните збирки за регрутираните лица. Регистрите би можеле да содржат податоци за 50.000 до 60.000 луѓе.
Директорот на Историскиот архив на службите за државна безбедност, Герге Бендегуз Чех, предупреди дека појавувањето на нечие име во регистарот само по себе не докажува дека лицето свесно соработувало со службата. Некои биле заведени без нивно знаење, а дел од досиејата се нецелосни или биле уништени.
Унгарските граѓани уште од 1997 година имаа ограничен пристап до сопствените досиеја. Поширокото отворање на архивите со години беше предмет на политички спор. Според унгарскиот портал „Телекс“, партијата Фидес на Виктор Орбан од 2010 година повеќе од 30 пати гласала против нивното отворање.























