
Шпанија привремено ќе повлече од пазарот околу 188.000 тони маслиново масло. Со мерката, шпанското Министерство за земјоделство сака да спречи понатамошен пад на откупните цени во сезона во која се очекува значително поголемо производство.
Според одлуката, производителите ќе мора да складираат 12 отсто од маслиновото масло произведено во сезоната 2026/2027. Мерката се применува на производството од ноември, а повлечените количества ќе останат во складиштата до 30 септември 2027 година.
Шпанските власти очекуваат производство од околу 1,6 милиони тони, што е за 23 отсто повеќе од претходната сезона. Во складиштата веќе има околу 357.000 тони од минатата сезона. Според европските медиуми, на почетокот на ноември производителите добивале околу три евра за килограм екстра девствено маслиново масло, наспроти околу четири евра една година претходно.
Владата очекува дека со ограничување на понудата ќе ги заштити приходите на производителите. Шпанскиот регулатор за конкуренција, пак, предупреди дека мерката може да го намали изборот во продавниците и да влијае врз цените што ги плаќаат потрошувачите.
Ова е првпат Шпанија да го примени механизмот за задолжително повлекување маслиново масло од пазарот, иако законската можност постои од 2021 година.























