УТРО.мк

Пентагон проценува 25 милијарди долари трошоци од војната со Иран

Пентагон проценува 25 милијарди долари трошоци од војната со Иран
Vero

Во американскиот Конгрес вчера се одржа повеќечасовно сослушување посветено на предлог-воениот буџет, кој според администрацијата на Доналд Трамп за 2027 година изнесува 1,7 милијарди долари. Дискусијата, која траеше околу шест часа, се фокусираше на финансиските проекции за тековните воени операции и политичките последици од нивното проширување.

Една од највпечатливите изјави на седницата ја даде заменик-секретарот на Пентагон, Џулс В. Херст, кој за првпат јавно соопшти проценка дека воените активности на САД поврзани со конфликтот во Иран досега чинеле околу 25 милијарди долари. Оваа бројка, како што беше нагласено, претставува прва официјална јавна проценка за вкупните трошоци на Вашингтон во таа операција.

Пред пратениците се обрати и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој го бранеше предложениот буџет и политиката на администрацијата. Тој одби да даде конкретен одговор за тоа дали трошоците за операциите во Иран би можеле дополнително да растат, нагласувајќи дека проценките зависат од развојот на ситуацијата на терен.

Дебатата во Конгресот доби остар тон кога дел од демократите ја доведоа во прашање оправданоста на воената интервенција. Конгресменот Адам Смит истакна дека образложението за започнување на конфликтот било врз основа на итна нуклеарна закана, додека сега, според него, се тврди дека таа закана е значително намалена или елиминирана. Хегсет возврати дека Иран и понатаму има нуклеарни амбиции и дека ризикот не е исчезнат.

Министерот за одбрана повтори дека воената акција останува клучна за спречување на Техеран да дојде до нуклеарно оружје. Тој додаде дека вистинското прашање не е цената на операцијата, туку вредноста на спречувањето на потенцијална нуклеарна закана.

И покрај поддршката на дел од републиканците, и од двете политички партии беа изразени сериозни грижи околу растечките трошоци и нивното влијание врз федералниот буџет и даночните обврзници. Дел од пратениците ја оспорија и предложената стратегија за значително зголемување на одбранбените расходи.

Во текот на расправата, Хегсет употреби и поостар политички тон, обвинувајќи некои членови на Конгресот дека со своите ставови индиректно ги повторуваат наративите на противниците на САД.

Покрај тоа, предложеното зголемување на буџетот на Пентагон, кое се приближува до 40 проценти, дополнително ја засили политичката дебата во Вашингтон. Администрацијата на Трамп, според Хегсет, смета дека националната безбедност мора да има приоритет, па затоа се разгледува и можноста за користење на специјални буџетски механизми за да се олесни усвојувањето на средствата без целосен двопартиски консензус.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран