УТРО.мк

Вандализам во ООУ „Ванчо Прќе“ во Штип: Оштетени смарт табли, компјутери и училишен инвентар, привремено прекината настава

Вандализам во ООУ „Ванчо Прќе“ во Штип: Оштетени смарт табли, компјутери и училишен инвентар, привремено прекината настава
Vero

Во ООУ „Ванчо Прќе“ во Штип денес нема да се одвива редовна настава за повеќе од 1.100 ученици, откако во текот на ноќта објектот бил цел на сериозен вандалски напад кој предизвикал значителна материјална штета.

Според информациите од директорот Кокан Радев, непознато лице успеало да влезе во училишниот објект околу полноќ, користејќи пристап од страната на фискултурната сала. Оттаму се движел низ повеќе катови каде што се одвива наставата за учениците од повисоките одделенија, при што систематски уништувал опрема и инвентар.

Во училниците и кабинетите се забележани оштетувања на смарт табли, класични табли, компјутери и училишен мебел, а ѕидовите и клупите биле испишани со спреј и нагрдувани со остар предмет. Единствено неоштетен останал кабинетот по хемија, кој бил заклучен и недостапен за сторителот.

Радев посочува дека безбедносните камери регистрирале едно лице како се движи низ објектот, при што дури и обидите да се онеспособи една од камерите биле делумно неуспешни, таа продолжила да снима и за време на обидот за нејзино прскање со спреј, иако на крајот била покриена.

Најголем дел од штетата е концентриран на првиот, вториот и третиот кат, каде што се наоѓаат кабинетите за предметна настава, додека приземјето, засега, не покажува значителни оштетувања, освен траги од насилно влегување.

Истрагата е во тек, а на терен утрово работат надлежните органи кои го утврдуваат обемот на штетата и прибираат докази. Директорот изрази надеж дека во следните неколку дена ќе се изврши санација и адаптација на уништените простории, со цел наставата да продолжи најдоцна од почетокот на следната седмица, за што учениците и родителите навремено ќе бидат информирани.

Ова е прв регистриран ваков инцидент во најголемото основно училиште во централното градско подрачје на Штип, кој предизвика и прекин на наставниот процес и сериозна загриженост кај наставниот кадар и родителите.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран