Повод: По неколку одложувања, од октомври почнува новиот систем за влез и излез во земјите од шенген-зоната
Македонските граѓани што планираат да патуваат во земјите од Европската Унија наскоро ќе се соочат со нови процедури на границите. Имено, од 12 октомври 2025 година, Европската Унија ќе започне со постепено воведување на Системот за влез/излез (ЕЕС), кој целосно ќе го замени сегашниот систем за печат во пасошите. Оваа промена има цел да ја модернизира и да ја подобри контролата на надворешните граници на ЕУ, но исто така носи и конкретни вести за сите граѓани на земјите што не се членки на ЕУ, вклучително и за Македонија, пишува Нова Македонија.
Како што е наведено во соопштението од ЕК, ЕЕС дигитално ќе ги евидентира влезот и излезот на патниците и на тој начин досегашното рачно удирање печати во пасошите заминува во историјата, за сметка на собирањето биометриски податоци, како што се отпечатоци од прсти и фотографии на лицето.
Очекувањата на европските челници се дека новиот систем ќе овозможи поефикасно управување со надворешните граници на ЕУ, откривање на пречекорувањето на дозволениот престој, како и случаи на злоупотреба на идентитетот и документите. Како што наведуваат од ЕК, постепената имплементација на системот ќе трае шест месеци, во текот на кои граничните служби ќе почнат да ги евидентираат податоците на патниците од трети земји, пренесуваат медиумите во регионот.
Во текот на шестмесечната фаза на воведување, граничните контроли постепено ќе почнат да снимаат податоци во 29-те земји од шенген-зоната. Системот е дел од пакетот „Паметни граници“, со кој ЕУ ги модернизира безбедносните протоколи на надворешните граници.
Што е ЕЕС и што значи за македонските граѓани?
ЕЕС е дигитален систем за евиденција на влезот и излезот на сите државјани на трети земји што патуваат во земјите од шенген-зоната за краток престој – до 90 дена во кој било период од 180 дена. Ова вклучува туристички, деловни и приватни патувања, но не и подолг престој, студиски или работни визи.
За македонските граѓани, кои сега можат да патуваат без виза во повеќето земји од ЕУ, тоа значи:
– При прв влез во една од 29-те земји членки на шенген-зоната, регистрацијата на лични податоци, вклучително и биометриски податоци – отпечатоци од прсти и фотографија од лицето – ќе биде задолжителна.
– Ставањето печат на пасошите е укинато, а сите податоци електронски се чуваат и се разменуваат во рамките на системот.
– Секој следен влез или излез од шенген-зоната ќе биде автоматски евидентиран.
Прочитај го целиот текст на Нова Македонија