Нов инцидент ги вжешти тензиите меѓу НАТО и Русија – германските воздухопловни сили утринава подигнаа два „Јурофајтер“-а за пресретнување на руски извидувачки авион Илјушин Ил-20М, кој летал над Балтичкото Море без транспондер и без доставен план за лет.
Според германскиот Билд, рускиот авион полетал од Калињинград околу 9 часот и се движел кон меѓународниот воздушен простор во близина на Полска и Германија. Откако бил детектиран од НАТО радарите, германската војска го активирала т.н. „алерт статус“ и во воздух испратила две ловечки летала од базата Лаге кај Росток.
Авионот бил лоциран 100 километри од германскиот брег, а откако германските авиони воспоставиле визуелен контакт, рускиот авион го сменил курсот кон север, летајќи во близина на островот Узедом, но останувајќи во меѓународниот простор.
Ова е само последен во низата слични инциденти. Во јули, НАТО ловци три пати за една недела полетале од Литванија поради руски Сухои Су-30SM, а во мај авионите на НАТО четири пати биле принудени да реагираат поради руски авиони кои летале без дозвола во истиот регион.
Со влезот на Шведска и Финска во НАТО, Балтичкото Море сè почесто се нарекува „НАТО езеро“. Во близина се наоѓа и Калињинград – силно милитаризирана руска енклава, што дополнително ја зголемува чувствителноста на регионот.