УТРО.мк

Најсмртоносен напад врз Киев од почетокот на инвазијата: 16 загинати, меѓу нив и две деца

Најсмртоносен напад врз Киев од почетокот на инвазијата: 16 загинати, меѓу нив и две деца
Vero

Најмалку 16 лица загинаа во масовен руски ноќен напад врз украинскиот главен град Киев, изведен со проектили и беспилотни летала, соопштија украинските власти во четвртокот. Меѓу загинатите се и две деца, како и еден полицаец, додека над 150 лица се повредени, од кои 16 се деца.

Ракета погодила станбена зграда со повеќе ката, при што се стравува дека под урнатините сè уште има заробени луѓе, изјави началникот на воената управа на Киев, Тимур Ткаченко.

„Ова е ноќ со најголем број малолетнички жртви во Киев од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година,“ рече градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

Претседателот Володимир Зеленски информираше дека Киев бил „главна цел на масовниот напад“, при кој Русија истрелала над 300 дронови и осум проектили. Во нападите биле погодени и други украински градови, меѓу кои Дњепропетровск, Полтава, Суми и Миколаив. Според Зеленски, предизвикана е голема материјална штета врз станбената инфраструктура.

Во друг напад, врз индустрискиот град Краматорск на истокот на Украина, загинала најмалку една личност, а повредени се 11, соопшти регионалниот гувернер Вадим Филашкин. Погодена била петкатна зграда, каде што спасувачите продолжуваат да трагаат по преживеани.

„Светот денес повторно го виде рускиот одговор на нашата желба за мир,“ напиша Зеленски на социјалната мрежа Х.

Истовремено, и во Русија биле пријавени инциденти. Украински дрон предизвикал пожар во индустриско постројување во регионот Пенза, но без жртви, изјави гувернерот Олег Мелниченко. Во Волгоградска област, парчиња од дрон предизвикале доцнење на возови до шест часа, а беа воведени и привремени ограничувања на аеродромите во Волгоград и Саратов, информираше руската воздухопловна управа Росавијација.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран