
Ноќва Радовиш беше осветлен од силен пламен и густ чад откако избувна голем пожар во магацински простор во кругот на поранешната фабрика „Декортекс“. Но, зад драматичните сцени што ги гледаа граѓаните, се водеше уште поголема битка – битка против времето, огнот и опасноста.

Од Територијалната противпожарна единица Радовиш информираа дека веднаш по добиената пријава нивните екипи реагирале со исклучителна брзина и за помалку од три минути биле на местото на пожарот.

Сепак, ситуацијата на терен не била воопшто едноставна. Огнот веќе бил во силно разгорена фаза, а неговото ширење дополнително било поттикнато од големата количина лесно запалив материјал што се наоѓал во објектот.

„Пожарот беше во разгорена фаза поради брзо запаливите материјали кои што беа во него“, соопштија од ТППЕ Радовиш.

Поради сериозноста на ситуацијата веднаш била издадена наредба за мобилизација на сите расположливи пожарникари од Радовиш, а на терен пристигнала и дополнителна помош од Територијалната противпожарна единица Струмица и Доброволното противпожарно друштво Мантово.

Во најкритичните моменти, додека пламенот ја голтал внатрешноста на објектот, пожарникарите влегувале директно во зоните зафатени од огнот, свесни за ризикот што го преземаат.
















