
Повеќе од 9.000 граѓани на САД веќе безбедно се вратиле во татковината од зоната на конфликт на Блискиот Исток, соопшти денеска американскиот претседател Доналд Трамп. Тој ги повика сите свои сограѓани кои се уште се наоѓаат во тој регион и сакаат да се вратат дома, да се обратат до Стејт департментот за поддршка.
Во објава на неговата социјална мрежа „Truth Social“, Трамп истакна дека Државниот департмент ќе ја утврдува прецизната локација на американските државјани во Блискиот Исток и ќе им обезбедува персонализирани планови за нивно враќање. Досега, рече тој, се организирани бесплатни чартер летови, а во подготовка се и дополнителни комерцијални авиони за да се задоволи зголемената побарувачка.
Државниот секретар Марко Рубио, во изјава на Капитол Хил синоќа, истакна дека Стејт департментот интензивно работи на тоа да им помогне на оние кои сакаат да ја напуштат конфликтната зона. Тој посочи дека се пребаруваат и резервираат различни опции за транспорт, од чартер и воени авиони до проширени комерцијални летови со поголем капацитет.
Рубио откри дека неколку авиони биле испратени кон регионите на Блискиот Исток, но поради затворениот воздушен простор морале да се вратат назад. Тој додаде дека повеќе од 1.500 Американци официјално побарале асистенција од Стејт департментот за нивно евентуално враќање во САД.























