
Утрово кај бреговите на Кипар се појавија два грчки воени брода, фрегатите Кимон и Псара. Атинската влада го истакна нивното распоредување како исклучиво одбранбена мерка, чија цел е да го заштити кипарскиот остров од можен ирански напад и да испрати силна порака на солидарност со Никозија, пишува „Катимерини“.
Овие поморски појакнувања следуваат по веќе ангажирани четири борбени авиони F‑16 Viper, кои се стационирани на аеродромот Andreas Papandreou во Пафос. Иако евентуалните закани од балистички проектили најверојатно би биле отстранети од американските сили во регионот, грчките власти нагласуваат дека присуството на нивните единици има посилно политичко и стратегиско значење.
Од официјален Атина велат дека грчкото воено присуство на островот испраќа недвосмислена порака: Грција стои зад Република Кипар. Тоа, велат, треба да ги разбуди и европските сојузници, кои според Атина сè уште не ја согледуваат сериозноста на ризиците од ескалација на блискоисточната криза.
Министерот за одбрана Никос Дендиас, кој вчера престојуваше во Никозија, подвлече колку е значајно ова распоредиување. „Уште еднаш повторив, за Грција, за грчкото општество, за нашата нација. Кипар не е далеку. А денес Грција ја потврдува својата блискост со дела,“ изјави тој по средбата со кипарскиот колега Василис Палмас. Дендиас додаде дека Атина е „цврсто на страната на Република Кипар, на страната на островот и на сите негови легални жители.“
Портпаролката на грчкото Министерство за надворешни работи, Лана Зохиу, нагласи дека помошта од Грција е строго одбранбена и не претставува никакво вмешување во конфликтот.























