Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, обвини дека Европската унија спроведува „субверзивни акции“ со цел да го саботира претстојниот самит меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, кој треба да се одржи во Будимпешта.
„ЕУ прави сè што може за да го поткопа планираниот состанок, продолжувајќи со напорите за ескалација на судирот во Украина. Агресивната западноевропска заедница сака да ги уништи сите мирољубиви стремежи“, изјави Захарова.
Средбата во унгарската престолнина, која се очекува да се одржи во наредните недели, има за цел да отвори можност за дипломатско решение на конфликтот во Украина и за подобрување на односите меѓу Русија и САД.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, објасни дека Будимпешта е избрана како место на одржување поради блиските и конструктивни односи на унгарскиот премиер Виктор Орбан со двајцата лидери.
„Работата на подготовките за самитот штотуку започна. Се надеваме дека средбата ќе придонесе за стабилизација и нова рамнотежа во меѓународните односи,“ изјави Песков.