
Моќна експлозија денеска го вознемири центарот на холандскиот град Утрехт, по што избувна голем пожар во една од најстарите и најтесните улици во градот. Инцидентот се случил непосредно пред 15:30 часот на улицата Визерштег, каде што се наоѓаат повеќе стари семејни куќи.
Регионалната служба за итни случаи Veiligheidsregio Utrecht за агенцијата ANP потврди дека има најмалку едно повредено лице, додека повеќе лица биле згрижени од медицинските екипи на терен. Десетици повици од загрижени граѓани пристигнале во службите за итни случаи веднаш по силната детонација.
Улицата и околината беа покриени со скршено стакло и остатоци од објектите, а поради опасност од дополнителни оштетувања и ширење на огнот, евакуирани беа домови и деловни простории во близина на Маријаплатс и Спрингвег.



























