Германскиот канцелар Фридрих Мерц одржа прес-конференција заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски, по нивните видеоконференциски разговори со европските лидери, генералниот секретар на НАТО и американскиот претседател Доналд Трамп. Мерц нагласи дека треба да се почитува точниот редослед на настаните: прво прекин на огнот, а потоа договор за долгорочен мир.
„Прекинот на огнот“ меѓу Москва и Киев „мора да биде прво“ за да можат било какви преговори да се одвиваат „во правилен редослед“, изјави тој по видеоконференцијата. Мерц посочи дека мора да постојат цврсти безбедносни гаранции, со почитување на суверенитетот на Украина.
Тој истакна дека Европа прави сè што може за „помош при поставување на агендата“ за средбата на претседателите на САД и Русија на Аљаска.
Мерц се надева дека на средбата Трамп ќе постигне успех. „На Аљаска мора да се заштитат безбедносните интереси на Европа и Украина“, рече тој, додавајќи дека за тоа разговарал и со Трамп.
Зеленски изјави дека би сакал да види дополнителни санкции против Русија доколку Кремљ не пристапи кон прекин на огнот. Тој додаде дека Трамп му рекол дека ќе го контактира по средбата со Путин в петок.
Мерц истакна дека „Путин блефира, се обидува да пробие на секој дел од фронтот“ и додаде дека тој и европските лидери разбрале дека Путин „не сака мир“. „Путин не може да нè измами“, додаде тој.