Голем прекин на електричната енергија денеска го погоди голем дел од Бразил, оставајќи милиони граѓани без струја. Според Националниот оператор на електроенергетскиот систем (ONS), прекинот се случил во 00:32 часот по локално време, кога бил активиран регионален систем за исклучување на оптоварувањето, контролирајќи потрошувачка од околу 10.000 мегавати, објави CNN Brazil.
Причина за прекинот бил пожар што предизвикал целосно исклучување на трафостаница од 500 киловолти, што го нарушило поврзувањето помеѓу јужниот регион и југоисточниот и централно-западниот дел на земјата. Властите го оценија инцидентот како „сериозен“.
Снабдувањето со електрична енергија започнало да се нормализира неколку минути по прекинот, но целосно закрепнување на системот во северниот, североисточниот, југоисточниот и централно-западниот дел од земјата траело околу час и половина до два часа.
Бразилскиот министер за рударство и енергетика, Александар Силвеира, истакна дека прекинот бил предизвикан од „локален проблем“, а не од недостиг на електрична енергија во системот. Според порталот „Глобо“, повеќе од 4,5 милиони корисници низ земјата останале без струја.