Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека Европската Унија може да воведе царини за кинеските производи доколку Пекинг не преземе конкретни чекори за намалување на трговскиот дефицит. Според француските медиуми, по официјалната посета на Кина, Макрон го заострил тонот и најавил дека Европа нема да остане пасивна.
Како што го цитира „Ле Фигаро“, претседателот истакнал дека ЕУ мора да размислува за протекционистички мерки доколку Кина не се обврзе да го запре економското нерамнотежје, кое го смета за „критично за иднината на Европа“.
„Им порачав дека ако не реагираат, ние Европејците ќе мораме наскоро да преземеме решителни мерки, слични на тие на САД, и да воведеме царини за кинески стоки“, изјави Макрон по враќањето од Пекинг.
Тој предупреди дека европскиот индустриски модел е под закана, особено секторите што историски се потпираат на автомобилската индустрија и машинските алати. Според него, дополнителен проблем се и високите американски царини кон Кина, воведени од претседателот Доналд Трамп, кои, како што вели, ги пренасочуваат кинеските производи кон европскиот пазар.
Макрон подвлече дека намалувањето на трговскиот јаз бара и ангажман од европска страна – преку привлекување кинески инвестиции, но под јасни правила. „Кинеските компании мора да инвестираат во Европа, но без создавање зависност или доминација“, истакна тој.
Секторите во кои се бара рамноправен пристап опфаќаат производство на батерии и електрични возила, преработка на литиум, ветерна енергија, електроника, рециклирачки технологии, индустриска роботика и современи компоненти.
Францускиот претседател смета дека ЕУ мора да ја заштити својата автомобилска индустрија од притисокот на кинеските електрични возила, истовремено вложувајќи во конкурентност и иновации. „Тоа бара поедноставување и зајакнување на единствениот пазар, вложување во нови технологии, фер заштита на границите, довршување на царинската унија и прилагодување на монетарната политика“, додаде Макрон.



























