Кралицата на Холандија во центарот на контроверзија: Се потсмеваше ли на Доналд Трамп?
Холандската кралица Максима се најде во фокусот на јавноста и предизвика остри, но и пофални реакции на социјалните мрежи, откако се појави видео-снимка на која, според голем дел од корисниците, таа делува како да се потсмева на американскиот претседател Доналд Трамп — додека стои веднаш до него.
Сцената е снимена за време на неговата посета на Холандија, по повод НАТО самитот, каде што Трамп се сретна со кралот Вилем-Александар и кралицата Максима. При заедничкото фотографирање, Трамп го направи својот препознатлив гест со подигнат палец, додека кралот се насмевна и му упати неколку зборови.
Во тој момент, камерата ја фатила кралицата Максима како прави мимики со усните и лицето, што многумина на интернет го протолкуваа како саркастично имитирање на Трамповиот говор и однесување.
Снимката брзо стана вирална, со поделен прием во јавноста. Дел од коментарите ѝ аплаудираат на кралицата за, како што велат, неформалниот став и храброста да покаже лична позиција. Други, пак, нејзиниот гест го оценија како „непочитување кон странски државник“ и како „непримерно однесување за член на кралското семејство“.
„Никогаш не сум бил обожавател на монархии, но кралицата Максима е легенда! Го третира како бебе“, напиша еден корисник на социјалните мрежи. Од другата страна, критиките беа остри: „Колку ниско може да падне ‘кралицата на холандскиот народ кој не постои’? Одвратно.“
Холандската кралска палата досега нема официјален коментар по оваа случка.
Queen Maxima of the Netherlands mocks Donald Trump in front of the cameras!pic.twitter.com/IRCY6SjGca— Sprinter Observer (@SprinterObserve)June 25, 2025