Разбојниците кои во неделата, на 20 октомври, провалиле во музејот Лувр во Париз, направиле сериозна грешка — првично не успеале да ги отворат изложбените витрини со електрични брусилки, јави Le Parisien, повикувајќи се на снимки од безбедносните камери.
На крајот успеале да направат мали отвори со други алати и рачно да го извлечат накитот. При тоа, ја оштетиле круната на царицата Евгенија, која ја изгубиле за време на бегството.
Лувр бил евакуиран и затворен во неделата наутро, откако крадците провалиле во Галеријата „Аполон“, каде се чува преостанатиот француски кралски накит.
Тие украле осум парчиња накит што некогаш ѝ припаѓале на француските кралици и царици, со вкупна вредност од околу 88 милиони евра.
Безбедносните камери покажале дека алармниот систем функционирал совршено и веднаш се активирал. Првиот аларм се огласил во 09:34 часот, кога провалниците го скршиле стаклото од балконската врата преку која влегле во салата.
Следел автоматски синџир аларми што предизвикал итна реакција на полицијата и Министерството за внатрешни работи.
Двајца вработени во музејот се обиделе да ги спречат крадците, но се повлекле кога сфатиле дека можеби се вооружени.
Провалниците поминале вкупно 3 минути и 52 секунди во изложбената сала пред да побегнат. Le Parisien ја потврди автентичноста на снимките, пренесува DPA.































