Во Пекинг се одржа најголемата воена парада во историјата на Кина, каде кинескиот лидер Си Џинпинг, придружуван од рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, демонстрираше воена моќ и модерно оружје. Настанот, по повод 80-годишнината од победата во Втората светска војна, беше толкуван како моќен знак на пркос кон западниот свет, додека плоштадот се тресеше под чизмите на 10 илјади војници.
На парадата беше прикажано најмодерното кинеско оружје, вклучувајќи беспилотни летала, нуклеарни балистички проектили, подводни дронови, противбродски системи и „роботски волци“. Си Џинпинг во својот говор истакна дека Кина е непобедлива и порача дека човештвото се соочува со избор помеѓу мир и војна, дијалог и конфронтација.
По парадата следуваше две и пол часовна средба меѓу Путин и Ким, при што рускиот лидер му се заблагодари на севернокорејскиот лидер за учеството на 15 илјади севернокорејски војници на украинските боишта. Ким Џонг Ун возврати дека секоја помош за Русија ја смета за братска должност.
Настанот предизвика реакции и во САД, каде поранешниот претседател Доналд Трамп обвини дека тројцата лидери подготвуваат заговор против неговата земја. Кремљ возврати дека изјавите се иронични и дека нема докази за каков било заговор.
На парадата присуствуваа 26 шефови на држави и влади, меѓу кои единствени европски лидери беа словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ.