
Во јужна Франција беснеат големи шумски пожари, поради што повеќе од 10.000 жители се евакуирани, а седум департмани се ставени под црвена тревога поради екстремно висок ризик од нови огнени стихии.
Најкритична е состојбата во областа Тревил, каде пожарот досега зафатил најмалку 4.600 хектари и продолжува брзо да се шири. Властите наредија евакуација на жителите од 26 општини, додека пожарникарските екипи водат интензивна борба за ставање на огнот под контрола.
Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, ќе го посети оперативниот команден центар во погоденото подрачје, каде ќе се сретне со екипите ангажирани во гаснењето и со локалните власти.
„Како што се очекуваше, имаме комплицирана сезона на пожари што започна пред еден месец“, изјави Нуњез, додавајќи дека од почетокот на годината во Франција изгореле повеќе од 11.000 хектари, речиси двојно повеќе во споредба со истиот период минатата година, кога биле опожарени околу 5.700 хектари.
Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти дека четири противпожарни авиони од европската флота RescEU ќе бидат распоредени во Франција во рамки на европскиот механизам за цивилна заштита, со цел да помогнат во справувањето со огнената стихија.
Покрај седумте департмани под црвена тревога, уште 41 департман се наоѓа под портокалова тревога поради високата опасност од шумски пожари, а француските власти предупредуваат дека временските услови и силниот ветер дополнително ја отежнуваат борбата со огнот.

















