
Целосен хаос на Блискиот Исток: Иран започна шести бран одмазда, експлозии во Техеран и напади низ регионот
Ситуацијата на Блискиот Исток продолжува драматично да се влошува, откако Иран утрово започна нов, шести бран ракетни и дронски напади, насочени кон Израел и американски воени бази во регионот. Паралелно, Израел продолжи со интензивни воздушни напади врз цели во Техеран, при што експлозии одекнуваат низ иранската престолнина.
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека нападите се дел од одмаздничка операција, насочена кон 27 американски и израелски цели. Израелската армија потврди дека се детектирани проектили лансирани од Иран, по што биле активирани системите за воздушна одбрана, а сирени за тревога се огласиле низ централниот и јужниот дел на Израел.
Во меѓувреме, израелските сили изведуваат нов бран напади врз Техеран во рамки на операцијата „Лавја рика“, со цел воспоставување воздушна надмоќ и уништување на клучни цели на иранскиот режим.
Ескалацијата на конфликтот се проширува и надвор од Израел и Иран. Во Дубаи се пријавени повеќе експлозии, а остатоци од пресретнати ракети предизвикале пожар во главното пристаниште Џебел Али. Слични инциденти се регистрирани и во други делови од регионот, вклучително и Кувајт и Оман.
Американската амбасада во Оман ги повика своите државјани да останат во засолништа поради зголемената закана од напади. Во меѓувреме, во Пакистан избувнаа протести, при што демонстранти упаднаа во американски конзулат во Карачи. Според локалните власти, најмалку шест лица загинале во судирите со безбедносните сили.
Сериозни човечки жртви се пријавуваат и во Иран. Според локални извори, најмалку 148 лица загинале, а 95 се повредени во експлозија во училиште во јужниот град Минаб, кое се наоѓало во близина на воена база.
Иранските власти, исто така, соопштија дека во најновите напади се убиени високи воени функционери, меѓу кои и началникот на Генералштабот Абдолрахим Мусави, како и други високи генерали и претставници на одбранбениот сектор.
Дополнително, официјален Техеран најави воспоставување привремено раководство на државата, по смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, што дополнително ја продлабочува политичката и безбедносната криза во земјата.
Конфликтот, кој веќе ги зафати повеќе држави, се заканува да прерасне во поширока регионална војна, со непредвидливи последици за целиот Блиски Исток.























