
Израелските одбранбени сили објавија нова загрижувачка графика која го прикажува дометот на иранските ракети, предупредувајќи дека тие можат да достигнат илјадници километри и да погодат цели далеку надвор од Блискиот Исток.
Според објавените информации, Иран неодамна тестирал или лансирал двостепена балистичка ракета со домет од околу 4.000 километри. Овој дострел значи дека покрај воените цели во регионот, во потенцијален ризик се и делови од Европа.
Во графиката што ја објави Израел, се наведува дека некои европски метрополи, како Берлин, Париз и Рим, се наоѓаат во директен домет на овие ракети.
Иако израелските власти посочуваат дека одредени ракети не се наменети директно за напади врз Израел, нивниот развој покажува значително зголемување на воените способности на Техеран.
Иран веќе со години инвестира во развој на балистички ракети и беспилотни летала, кои му овозможуваат да покрие голем дел од Блискиот Исток, но и пошироко. Во комбинација со дронови, овие системи претставуваат сериозна закана за воени бази, енергетска инфраструктура и важни поморски рути.
Објавата доаѓа во период на зголемени тензии и воени судири во регионот, каде што конфликтот меѓу Израел, САД и Иран продолжува да се продлабочува.























