
Во пресрет на новата дипломатска рунда во Женева, Иран испраќа сигнал дека е подготвен да оди до крај за да обезбеди договор со Соединетите Американски Држави околу својата нуклеарна програма.
Заменик-шефот на иранската дипломатија, Маџид Тахт-Раванчи, порача дека Техеран ќе настапи „со искреност и добра волја“, уверувајќи дека постои реална можност за брз напредок доколку и другата страна покаже политичка подготвеност. Според него, Иран е решен да преземе „сè што е потребно“ за конечно да се придвижат работите од мртва точка. Изјавата ја пренесе CNN, повикувајќи се на ирански медиуми.
Досегашните контакти меѓу двете земји се одвиваа зад затворени врати и со посредство – две рунди разговори веќе се одржаа во Оман и Швајцарија, а следната средба е планирана за четврток во Женева. Иако директна комуникација сè уште нема, дипломатските канали очигледно остануваат отворени.
Истовремено, Техеран испрати и јасно предупредување. Евентуален воен удар од страна на Вашингтон би бил „големо коцкање“, кое може да ја дестабилизира целата блискоисточна сцена, предупреди Тахт-Раванчи. Тој потенцираше дека Иран има подготвени одбранбени сценарија и ќе реагира согласно сопствените планови доколку биде нападнат.























