
Од денеска стапува на сила ново правило за патување во Велика Британија. Сите посетители од 85 земји кои доаѓаат без потреба од виза ќе мора претходно да обезбедат електронска дозвола за патување, или ризикуваат да им биде одбиен влез на границата.
Британското Министерство за внатрешни работи соопшти дека оваа новина значи дека без валидна електронска исправа, туристите и другите посетители нема да можат да се качат на авионите, авиокомпаниите ќе проверуваат дали патникот има Е‑Travel Authorization купена преку интернет по цена од 16 фунти, што изнесува околу 21,57 американски долари.
Системот за електронски дозволи првпат беше лансиран во 2023 година, а во април минатата година се прошири и на европски патници, но до сега не се применуваше строго. Сега, пак, од сите ќе се бара да ја завршат таа онлајн постапка пред да патуваат.
Освен Британците и Ирците – вклучително и оние со двојно државјанство или со право на престој во Велика Британија – никој нема да биде изземен од ова правило.
Оваа промена доаѓа во време на значајни трансформации по Брегзитот. Минатата есен, во октомври, Европската Унија го воведе својот долго најавуван дигитален систем за влез/излез, со кој се укинува рачното печатење на пасошите на границите, а се прават автоматски записи за сите што влегуваат и излегуваат од блокот.























