
Во последните денови, Белата куќа ја засили тензијата на Блискиот Исток, откако претседателот Доналд Трамп постави ултиматум до Иран за неговата нуклеарна програма. Трамп побара од Техеран да постигне „значаен договор“ во рок од 10 до 15 дена, предупредувајќи дека во спротивно ќе се случат „навистина лоши работи“.
На првиот состанок на својот Одбор за мир во Вашингтон, Трамп повторно ја потенцираше својата закана за воена акција, истакнувајќи дека САД се подготвени да преземат следни чекори доколку Иран не се согласи на компромис. „Ќе дознаете во текот на следните веројатно 10 дена“, рече тој, додавајќи дека рокот од 10 до 15 дена е „негов максимум“.
Во исто време, Иран жестоко возврати преку писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Техеран истакна дека нема да започне војна, но дека ќе се брани со решителност и пропорционално во случај на напад. „Сите бази, објекти и средства на непријателската сила во регионот би претставувале легитимни цели“, се наведува во писмото, предупредувајќи дека САД ќе сносат „целосна и директна одговорност“ за последиците.
Овие закани се совпаднаа со масовно зголемување на американската воена присутност во регионот, што предизвика стравувања од можен поширок конфликт. Цените на нафтата реагираа веднаш, а на морската вежба на Иран во Оманскиот Залив се придружи и руски воен корвет, нагласувајќи ја стратегиската важност на овој морски пат.
И покрај тензичната атмосфера, преговорите меѓу Иран и САД продолжуваат. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека се постигнати согласности околу водечките принципи, додека Белата куќа призна дека остануваат несогласувања по одредени прашања. Американски функционери најавија дека Иран ќе достави писмен предлог како да се одговори на загриженоста на САД.
Трамп инсистира дека нуклеарното оружје не смее да се најде во рацете на Иран, повикувајќи го Техеран „да им се придружи на САД на патот кон мирот“. „Не можете да имате мир на Блискиот Исток ако тие имаат нуклеарно оружје“, рече тој.























