УТРО.мк

Фатени ирански шпиони во Германија

Фатени ирански шпиони во Германија
Vero

Дански државјанин од авганистанско потекло, 53-годишниот Али С., е осомничен дека за потребите на една странска разузнавачка служба шпионирал јеврејски објекти во Германија, соопшти Главното државно обвинителство во Карлсруе. Според обвинението, Али С. на почетокот од годинава добил задача од иранската тајна служба да ги следи движењата околу јеврејските објекти во Берлин и да бележи детали од секојдневието на истакнати личности од јеврејската заедница во Германија.

Меѓу лицата кои биле следени, според германските медиуми, е и претседателот на Јеврејската заедница во Германија, Јозеф Шустер. Налогот за активностите, како што се наведува, дошол од „Ал Кудс Бригадите“, дел од Иранската револуционерна гарда задолжен за активности во странство. Али С. престојувал во Берлин во јуни, но во тоа време веќе бил под надзор на германските тајни служби.

Германските медиуми јавуваат дека информациите за активностите на Али С. дојдоа од „една странска разузнавачка служба“, при што се шпекулира дека станува збор за израелскиот Мосад. Германското министерство за надворешни работи повикало иранскиот амбасадор во Берлин на информативен разговор и му доставило протестна нота поради иранските активности.

Иран го демантираше било какво учество во случајот и ги оцени обвиненијата како „неосновани и опасни“, додавајќи дека овие обвинувања се дел од кампања поврзана со конфликтот меѓу Иран и Израел. Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, истакна дека заштитата на јеврејскиот живот во Германија е „висок приоритет“.

Јеврејските објекти во Германија веќе неколкупати биле цел на ирански тајни служби, а во 2017 година беше спречен напад врз социјалдемократскиот политичар Рајнхард Робе, тогаш претседател на Германско-израелското друштво.

Од почетокот на војната меѓу Израел и Иран, германските власти ја засилија безбедноста околу јеврејските објекти, особено по нападите на Хамас врз Израел во октомври 2023 година. Во исто време, во Германија драматично се зголемил бројот на злосторства со антисемитска позадина.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран