
Од 7 јули оваа година, возачите во Европската Унија, вклучително и во Хрватска, Бугарија и Грција, ќе се соочат со нов безбедносен систем кој може да им спаси животи. Станува збор за задолжителното „светло за итно сопирање“ кое автоматски сигнализира опасност при силно забавување на патот.
Новите регулативи предвидуваат дека при сопирање над 50 км/ч, стоп-светлата на возилото ќе почнат да трепкаат со посебен ритам, јасно укажувајќи на другите возачи дека следи нагло сопирање. Ако возилото целосно застане по силно забавување, автоматски се активираат и предупредувачките светла за опасност, а стоп-светлото останува вклучено. Ова значително го зголемува времето за реакција на возачите што се зад возилото, особено на автопати и експресни патишта, каде ризикот од судири одзади е најголем.
Хрватскиот авто клуб (ХАК) ја објасни суштината на новиот систем: „Досега задните стоп-светла се вклучуваа само при сопирање, но новата технологија ќе прави разлика помеѓу обично и силно сопирање. Прецизното, визуелно предупредување може да спречи сериозни сообраќајни незгоди.“
Важно е да се напомене дека оваа регулатива се однесува исклучиво на нови патнички и лесни комерцијални возила. Постојните автомобили немаат обврска да бидат надградени со овој систем, и тие ќе останат како досега.



























