
Бројот на дизел возила во Европската Унија бележи значителен пад во изминатата деценија, додека возилата на бензин и особено електричните автомобили бележат силен раст, покажуваат најновите податоци на Еуростат.
Според статистиката, во периодот од 2014 до 2024 година, бројот на дизел возила, вклучувајќи ги и дизел хибридите, се намалил за дури 67 проценти. Наспроти тоа, возилата на бензин, заедно со хибридните модели, се зголемиле за 60 проценти.
Најголем раст има кај електричните возила, чиј број е зголемен дури 45 пати. Ако во 2014 година тие учествувале со само 0,3 проценти во вкупниот број регистрирани возила, во 2024 година нивниот удел достигнал 13,9 проценти.
Податоците се однесуваат на 20 земји членки на ЕУ, кои заедно сочинуваат 93 проценти од вкупниот пазар на Унијата.
Покрај тоа, раст од 13 проценти е забележан и кај возилата што користат алтернативни горива, како течен нафтен гас, природен гас, водород, горивни ќелии, биоетанол и биодизел.























