
Европската Унија подготвува сеопфатен план за заштита на децата на интернет, со кој се предвидуваат значителни ограничувања за користењето на дигиталните платформи од страна на деца помлади од 15 години.
Според документот на Европската комисија до кој дошле медиумите, се разгледува забрана за користење социјални мрежи, платформи за споделување видео-содржини, четботови со вештачка интелигенција и онлајн-игри за оваа возрасна група.
Европската комисија изразува загриженост поради сè поголемото влијание на големите дигитални платформи врз здравјето, безбедноста и благосостојбата на децата. Меѓу сервисите што се посочуваат во контекст на овие ризици се Фејсбук и Инстаграм на „Мета“, ТикТок, Јутјуб на „Гугл“, како и „Четџипити“.
Предлогот е дел од најавениот европски закон за децата, кој треба да биде претставен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и извршната потпретседателка на ЕК за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен.
Дел од деталите за новите мерки би можеле да бидат објавени и во обраќањето на Фон дер Лајен за состојбата на Унијата, во кое таа ќе ги претстави приоритетите и политиките што ЕУ планира да ги спроведува.
Целта на иницијативата е да се создаде побезбедна дигитална средина за децата и да се намалат ризиците поврзани со прекумерното користење на интернет, социјалните мрежи, онлајн-игрите и алатките со вештачка интелигенција.

















