На мировниот самит во египетското одморалиште Шарм ел Шеик, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се обиде да ја убеди италијанската премиерка Џорџија Мелони да се откаже од пушењето, но нејзиниот духовит одговор предизвика смеа кај сите присутни лидери.
„Изгледаш одлично. Но морам да те натерам да престанеш да пушиш“, ѝ рече Ердоган на Мелони, според видео објавено од турската агенција İhlas Haber Ajansı.
Мелони, позната по својот остар хумор, само се насмеала и одговорила: „Знам, знам. Не сакам да убијам никого“, што предизвикало смеа кај британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, кои биле во нивно друштво.
Ердоган, кој е познат по својата кампања за земја без цигари, ја искористил можноста на самитот во Газа за повторно да ја промовира својата антипушачка политика.
Во неодамна објавена книга, Мелони признала дека повторно почнала да пуши откако се откажала пред 13 години, објаснувајќи дека цигарата ѝ помогнала да воспостави неформални контакти со други светски лидери – меѓу нив и тунискиот претседател Каис Саид.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, ја пофалил нејзината појава на самитот, велејќи со доза на шега: „Таа е убава млада жена! Денес, ако го кажете тоа во Америка, ризикувате политичка кариера, но јас ќе ризикувам!“
Џорџија Мелони, првата жена премиер на Италија, која дојде на власт во октомври 2022 година, во последните месеци има значајна дипломатска улога, особено во односите меѓу Европската Унија и администрацијата на Доналд Трамп.