
Вечерва во Исламабад се очекува пристигнување на висока иранска делегација за критички разговори околу ескалираниот конфликт со САД и Израел, објавија британските медиуми повикувајќи се на изјава од иранскиот амбасадор во Пакистан.
Реза Амири Могадам истакна на платформата X дека и покрај широко распространетиот скептицизам меѓу иранската јавност поради, како што наведе, чести кршења на прекинот на огнот од страна на израелските сили, Техеран испраќа свој тим на „конструктивни преговори“ засновани на иранската платформа од 10 точки.
Од Вашингтон, пак, портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, потврди дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе испрати делегација во Пакистан на разговорите со Иран. Тимот ќе го предводи потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.























