
Франција и Велика Британија ја потврдија намерата да распоредат свои војници на украинска почва по евентуалното прекинување на огнот, како дел од пакетот безбедносни гаранции за Киев. Гаранциите беа договорени на состанокот на „Коалицијата на волјата“ во Париз, на кој присуствуваа францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според договорот, мултинационалните сили ќе бидат позиционирани „далеку од линијата на контакт“ на воздух, море и копно и ќе обезбедат заштитени објекти за оружје и воена опрема. Турција ќе се приклучи со поморска поддршка, а САД ќе предводат високотехнолошки систем за следење на прекинот на огнот.
Гаранциите предвидуваат и правно обврзувачка помош за Украина во случај на нов руски напад, слично на принципот на колективна одбрана од Член 5 на НАТО. Придонесот на секоја земја ќе зависи од одобрување на националните парламенти. Германскиот канцелар Фридрих Мерц истакна дека Германија не исклучува можен придонес, додека шпанскиот премиер Педро Санчез најави почеток на преговори за учество на Шпанија.



























