Главниот град на Алјаска, Џуно, ги повика дел од своите 30.000 жители на итна евакуација поради закана од рекордни поплави предизвикани од топењето на глечерот Менденхол, јавува „Гардијан“. Летните глечерски поплави, познати како „пробив на глечерско езеро“ (GLOF), се закануваат на делови од градот поради комбинација на обилни дождови и топење на снегот.
Властите очекуваат нивото на реката Менденхол да достигне врв во среда околу 16 часот по локално време, а новопоставените заштитни брани треба да ја одбранат долината Менденхол, каде што живее поголемиот дел од населението.
Во вторникот наутро е потврдено дека водата почнала да ја пробива ледената брана, а дел од жителите веќе ги напуштиле своите домови. Националната метеоролошка служба предупреди дека нивото на реката би можело да надмине 4,8 метри. Според метеорологот Никол Ферин, се работи за „нов рекорд“, а предвидувањата се отежнати поради силните врнежи кои значително ја зголемиле количината на вода.
Глечерот Менденхол, сместен околу 19 километри северно од Џуно, формира ледена брана зад која се создава езеро во таканаречениот Suicide Basin. Оваа појава се повторува секое лето од 2011 година, а експертите предупредуваат дека климатските промени ја влошуваат ситуацијата. Според Националната управа за океани и атмосфера на САД, Алјаска се затоплува двојно побрзо од остатокот на земјата, а глечерите таму спаѓаат меѓу оние што најбрзо се топат во светот.
Во август 2023 година, сличен пробив испрати рекордни количини вода кон реката Менденхол, поплавувајќи делови кои никогаш претходно не биле погодени.
Џуно се наоѓа околу 1.300 километри од Анкориџ, каде што во петок треба да се одржи средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина.