
Рајан Рут (59) ќе го помине остатокот од својот живот зад решетки, откако федералниот суд во Форт Пирс му изрече доживотна затворска казна за обид за атентат врз Доналд Трамп. Пресудата следува по судскиот процес во кој беше утврдено дека Рут планирал напад врз тогашниот претседателски кандидат, а денешен претседател на САД, за време на негов престој на голф-терен во Флорида во септември 2024 година.
Според судските наоди, Рут бил детално подготвен за нападот. Тој бил забележан како се крие во грмушките во близина на „Trump International Golf Club“ во Вест Палм Бич, вооружен со полуавтоматска пушка и опрема за набљудување. Нападот бил спречен благодарение на навремената реакција на агент од Тајната служба, кој го воочил осомничениот пред Трамп да се појави во неговиот видик. По инцидентот, Рут побегнал, оставајќи го оружјето, но набрзо бил пронајден и уапсен.
Судијката Ејлин Кенон, изрекувајќи ја казната, оцени дека станува збор за „смислен и пресметан план за одземање човечки живот“. Обвинителството нагласи дека ваквите дела претставуваат директен напад врз демократскиот поредок и дека строгата казна треба да биде јасна порака дека политичкото насилство нема да се толерира. Покрај доживотната казна, на Рут му беа изречени и дополнителни седум години затвор за прекршоци поврзани со незаконско поседување оружје.
За време на судењето, Рут имал нејасно и конфузно обраќање, во кое говорел за странски конфликти и идеи за размена со политички затвореници, тврдејќи дека немал намера да го убие Трамп. Одбраната побара поблага казна од 27 години затвор, повикувајќи се на неговата возраст, но судот го одби барањето.























