
Претседателот на САД, Доналд Трамп, предупреди дека американските граѓани можат да се соочат со одмазнички напади на домашна територија како дел од ескалацијата на конфликтот со Иран. На директно прашање дали постои ризик за напад на американска земја, Трамп одговори: „Веројатно“. Тој додаде дека загриженоста за вакви сценарија е постојана и дека владата подготвува планови за вакви ситуации. „Некои луѓе ќе загинат. Кога се оди во војна, тоа е неизбежно“, истакна тој, пренесува Time.
Од друга страна, демократската сенаторка Елизабет Ворен на социјалната мрежа X ја оцени изјавата на Трамп како „лудо и опасно“.
Иако засега нема напади на територијата на САД, неодамнешниот напад со дрон врз американска база во Кувајт однесе шест животи на американски војници. Коментарите на претседателот се спротивни на официјалните, оптимистички извештаи од неговата администрација кои нагласуваат американска доминација и успешни операции против Иран.
Незадоволството кај јавноста расте. Според последната анкета на Hart Research Associates и Public Opinion Strategies за NBC News, 54% од гласачите ја критикуваат политиката на Трамп кон Иран, додека 41% ја поддржуваат.























