Европа и Украина: Германија пред нова безбедносна дилема
Дискусиите за евентуално испраќање европски мировни сили во Украина предизвикаа силни реакции во Германија. Канцеларот Фридрих Мерц изрази подготвеност да учествува во ваква мисија, но нагласи дека одлуката ќе мора да биде координирана со европските партнери и да добие парламентарен мандат.
Русија остро се спротивставува на вакви планови, а во Германија скепсата е голема поради историското наследство, неуспешните мисии во Авганистан и Мали, како и слабата состојба на Бундесверот. Дополнителен фактор е економската криза и растечкото противење кон воената помош за Украина.
Десничарската АфД остро го критикува Мерц и бележи раст на поддршката, додека дел и од неговата коалиција предупредуваат дека Германија нема капацитет за таква мисија. Истовремено, Франција и Британија се изјаснија во корист на европски мировни сили.
Анкетите покажуваат поделено јавно мислење: 49% од Германците поддржуваат распоредување војници, 45% се против, со најголем скептицизам во источна Германија. Мерц, под силен политички притисок, засега одговара дека е „прерано за дефинитивен став“.