Британскиот адмирал и поранешен шеф на Кралската морнарица, лорд Вест, предупреди дека Обединетото Кралство се наоѓа „во неформална војна“ со Русија.
Во разговор за подкастот на претседателот на Домот на лордовите, тој изјави дека нивото на руските непријателски активности ја става Европа во исклучително опасна позиција.
„Неверојатно е дека сме во ваков облик на војување во сива зона. Де факто, ние сме во војна со Русија“, рече Вест, наведувајќи ги постојаните руски испитувања на подморската инфраструктура, појавата на дронови поврзани со Русија и растечкиот воен притисок во Арктикот.
Тој додаде дека тој притисок создава сериозни проблеми за скандинавските држави и потсети дека Норвешка поради тоа купила британски фрегати и значително ја засилила соработката со Лондон, пренесува Defence Journal.
Вест порача дека ситуацијата е „нестабилна и тешко решлива“, бидејќи никој не сака директна војна меѓу НАТО и Русија. „Русија би ја изгубила таквата војна, но прашањето е дали во момент на очај би посегнала по нуклеарно оружје“, предупреди тој.
Осврнувајќи се на војната во Украина, Вест рече дека Путин таму „направил огромна грешка“ и потсети дека на кинескиот претседател Си Ѓинпинг му тврдел оти операцијата ќе трае три недели. „Не испадна баш така. Тоа е голема стратешка грешка“, изјави тој, пренесува Јутарњи лист.
Лорд Вест служел во морнарицата од 1965 година, бил прв човек на Кралската морнарица од 2002 до 2006 година, а подоцна и министер за безбедност. Целиот разговор е достапен во подкастот на претседателот на Домот на лордовите.























