
Британскиот премиер, Кир Стармер, отвори нова политичка дебата околу последиците од Брегзит, тврдејќи дека излегувањето од Европската унија оставило „длабоки економски лузни“ врз Обединетото Кралство. Неговите изјави доаѓаат во момент кога владата се подготвува за контроверзни законски измени што би можеле значително да ја приближат земјата повторно кон правилата на ЕУ, без класичен парламентарен надзор.
Во фокусот на плановите е таканареченото „динамично усогласување“, механизам преку кој британските стандарди за храна, пијалаци и емисии на јаглерод би се прилагодувале автоматски според европските регулативи. Она што предизвикува најголеми реакции е фактот дека овие усогласувања би се спроведувале преку секундарно законодавство, што значи дека пратениците нема да имаат целосна можност да ги дебатираат или менуваат мерките.
Стармер ја брани стратегијата како прагматичен одговор на низа кризи што ја потресоа земјата во последните години, од финансиската криза во 2008, преку штедењето, Брегзит, пандемијата со Ковид-19, војната во Украина, па сè до економската нестабилност во периодот на Лиз Трас. Според него, постојаното враќање на старите модели не донело подобрување, туку напротив, ги оставило работниците со понизок животен стандард и ослабени јавни услуги.
Од владата тврдат дека поблиското усогласување со ЕУ може да ги намали цените на храната, да ги олесни трговските бариери и да им помогне на извозниците кои се соочуваат со скапи административни процедури и проверки по Брегзит. Посебно се нагласува потенцијалното олеснување за секторите како земјоделството и логистиката, кои досега претрпеа зголемени трошоци и бирократски товар.























