
Апелацискиот суд во Нов Зеланд ја отфрли жалбата на Брендон Тарант, сторителот на масакрот во Крајстчерч во 2019 година, потврдувајќи ја неговата доживотна затворска казна без право на условно ослободување.
Тарант, кој во нападите врз џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд Исламик Центар“ уби 51 лице и се обиде да лиши од живот уште 40 верници, претходно ја призна вината за едно од најтешките злосторства во поновата историја на земјата. Со тоа, тој беше осуден на доживотен затвор без можност за помилување.
Во својата жалба, поднесена подоцна, тој тврдеше дека признанието на вина не било резултат на слободна и рационална одлука, туку дека бил под влијание на, како што го опиша, „нечовечки услови“ во затворот. Сепак, судиите од Апелацискиот суд ги отфрлија тие наводи како целосно неосновани, оценувајќи дека нема никакви докази за притисок или неправилности при неговото изјаснување.
Судот заклучи дека Тарант доброволно ја признал вината и дека неговите аргументи не содржат правна основа која би можела да ја доведе во прашање пресудата.
Масакрот во март 2019 година, извршен за време на петочна молитва, ја потресе не само Нов Зеланд, туку и целиот свет. Трагедијата предизвика силни реакции на меѓународно ниво и доведе до значајни законски промени во земјата, меѓу кои и забрана за полуавтоматско оружје од воен тип.























