
Белгија од денеска повторно воведува воени патроли на улиците како одговор на растечките безбедносни закани, јавуваат локалните медиуми. Околу 200 војници ќе им асистираат на полициските сили во наредните три месеци.
Мерката потсетува на сличниот чекор преземен по терористичките напади во Брисел во 2016 година, чија десетгодишнина беше одбележана вчера. Во првата фаза, патролите ќе бидат распоредени во Брисел, Антверпен и Лиеж, каде неодамна беше извршен напад врз синагога.
Главниот фокус на војниците ќе биде заштита на објекти поврзани со еврејската заедница, како и поддршка во борбата против трговијата со дрога и зголемениот криминал. Тие ќе бидат присутни на клучни локации, вклучително стражарски пунктови, училишта и метро-станици.
Министерот за внатрешни работи Бернард Квентин изјави дека во услови на ваква безбедносна состојба, државата мора да ги искористи сите расположливи ресурси, особено во контекст на актуелните случувања на Блискиот Исток.
Според најавите, од јули бројот на ангажирани војници постепено ќе се намали на околу 90.























