Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тајно подготвува нов предлог-план за завршување на војната во Украина, во координација со Русија, објави Axios, повикувајќи се на американски и руски извори.
Според информациите, станува збор за документ од 28 точки, инспириран од планот на Трамп за прекин на огнот во Газа. Како и во тој модел, предлогот би опфатил рамка за „мир во Украина, безбедносни гаранции, европска безбедност и идните односи меѓу САД, Русија и Украина“, наведува Axios.
Формирањето на планот го предводи специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, кој, според изворите, водел обемни разговори со рускиот претставник Кирил Дмитриев. Порталот додава дека Виткоф оваа недела во Мајами го презентирал дел од предлогот и пред украинскиот претставник Рустем Умеров, советник за национална безбедност на претседателот Володимир Зеленски.
Еден американски претставник за Axios потврдил дека Белата куќа веќе започнала да ги информира и европските партнери за иницијативата. За сега, од администрацијата на Трамп нема официјален коментар.
Во исто време, украинските власти информираа дека Русија синоќа лансирала 11 беспилотни летала кон Украина. Во нападот била погодена станбена зграда во Харков, вториот најголем град во земјата.























