
Британскиот јавен сервис BBC влегува во период на длабока трансформација што ќе остави сериозни последици врз неговата работна сила. Во обид да се справи со растечкиот финансиски јаз, раководството најавува кратење на илјадници работни места, чекор што го вбројува меѓу најголемите во последната деценија и половина.
Според проценките, меѓу 1.800 и 2.000 вработени би можеле да останат без работа во следните две години, што практично значи дека секој десетти вработен ќе биде погоден. Генералниот директор Родри Талфан Дејвис отворено предупредува дека компанијата нема простор за одложување, потребно е да се заштедат дури 500 милиони фунти во релативно краток рок.
Во внатрешна комуникација со персоналот, Дејвис признава дека разликата меѓу приходите и трошоците продолжува да расте, создавајќи притисок што веќе се чувствува во секој сегмент од работењето. Ограничувањата не се само на хартија, веќе се стегаат буџетите за вработувања, службени патувања, консултанти и други трошоци што порано се сметаа за неопходни.
Но вистинските промени допрва доаѓаат. Раководството не ја исклучува можноста од укинување цели програми, па дури и услуги, што би можело да го промени начинот на кој милиони гледачи и слушатели ја консумираат содржината на BBC. Планот е деталите да се финализираат во наредните неколку месеци, со обид да се зачува основната мисија на јавниот сервис.
Овој потег не доаѓа изолирано. Медиумската индустрија глобално се соочува со турбуленции, од брзиот развој на вештачката интелигенција до драматичните промени во навиките на публиката. За BBC, дополнителен удар е падот на приходите, кои се намалени за речиси една четвртина од 2017 година наваму.
Истовремено, компанијата се наоѓа и во чувствителен политички и правен контекст. Американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужба од 10 милијарди долари, обвинувајќи го сервисот за клевета поврзана со известување за настаните од 2021 година. Контроверзијата доведе до заминување на тогашниот директор Тим Дејви, а на негово место наскоро треба да дојде Мет Бритин, поранешен висок функционер на Google.























