САД разгледуваат можни воени напади врз нарко-картели во Венецуела, што би можело да ја ескалира кризата во директен конфликт со режимот на Николас Мадуро. Според извори за CNN, операциите се дел од поширока стратегија на администрацијата на Доналд Трамп за ослабување на Мадуро.
Првиот напад се случи оваа недела врз брод осомничен за транспорт на дрога, при што загинаа 11 лица. Трамп потврди дека лично ја наредил акцијата и најави нови напади. Во регионот се распоредени бродови со ракети Томахавк, подморница, 4.000 војници и десет авиони F-35 стационирани во Порторико.
Мадуро обвини за „план за насилна промена на режимот“, додека Вашингтон ја поврзува неговата власт со наркотероризмот и нуди награда од 50 милиони долари за негово апсење. Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека „нападот врз бродот е само почеток“ и го нарече Мадуро „обвинет шверцер на дрога“.
Тензиите се засилија и на море, откако венецуелски F-16 прелетаа над американски разорувач. Пентагон го нарече потегот „провокативен“ и предупреди дека следниот пат одговорот може да биде воен. Трамп исто така порача дека доколку Венецуела повторно испрати авиони над американски бродови, „ќе бидат во неволја“.
Експертите предупредуваат дека комбинацијата од напади, ново распоредување на сили и венецуелски провокации ја носи ситуацијата на работ на вооружен судир, иако Вашингтон истовремено одржува соработка со Каракас за нафтените операции и депортациите.