УТРО.мк

Ристовски: МОК побара помош дури неколку месеци пред фестивалот, иако политиката формално нема улога во олимписки настани

Ристовски: МОК побара помош дури неколку месеци пред фестивалот, иако политиката формално нема улога во олимписки настани
Vero

Остри јавни критики и жестоки дебати за одговорностите и капацитетите на институциите за спорт во државава се отворија по одржувањето на Европскиот младински олимписки фестивал (EYOF) летово во Скопје. Министерот за спорт Борко Ристовски во интервју за онлајнпорталот „Радио Слободна Европа“ одговори на јавниот интерес каде се направени пропустите во организацијата, објаснувајќи дека Министерството за спорт немало ниту законска надлежност ниту формална улога во организирањето на фестивалот, туку постапувало исклучиво на барање од организаторите – Олимпискиот комитет на Македонија (МОК) и Градот Скопје – само неколку месеци пред настанот.

„Кога се потпишува договор за доведување или за организирање на ваков голем настан во една држава, заради немешањето на политиката, потписници на договорот за организирање на EYOF се МОК и Градот Скопје. Тоа е стандардна олимписка пракса за да се избегне политичко мешање. Тоа кажува дека Олимпискиот светски комитет и Европски не дозволува мешање на политика во Олимписките игри и во Олимпизмот генерално. Така да, ние не можеме да бидеме организатори, меѓутоа можеме да служиме како логистичка поддршка, што и бевме во конкретниот случај“ изјави Ристовски.

Во март или април, според министерот, тој лично разговарал со претседателот на Европскиот олимписки комитет за да го алармира дека државата нема доволна спортска инфраструктура за организација на настан од ваков обем. 

„Предложивме Олимпијадата да се откаже или да се намали бројот на учесници на 1.000 – што беше максимумот за кој можеме да гарантираме со постојните капацитети. Но бевме одбиени бидејќи било предоцна,“ објаснува тој.

Според Ристовски, во последните два месеца пред фестивалот, Министерството било вклучено со конкретни активности:

„Нè замолија да купиме 150 нови кревети за студентските домови – што остануваат за нивна трајна употреба. Обезбедивме и донација од 2.000 перници од општествено одговорна компанија, делумно финансиравме автобуски превоз, обезбедивме бесплатен пристап до сите спортски сали и помогнавме во маркетингот – преку реклами на автобуси. Работевме и со МНР на забрзување на процесот за визи за странските делегации,“ вели министерот.

За организацијата на настанот министерот објаснува дека „иако организацијата во одреден момент затаи, меѓутоа не беше на ниво катастрофално како што тоа сака да го прикажат поединци или опозицијата“. Имало пропусти но смета дека тие биле очекувани за настан од таков обем и дообјаснува 

„Да угостите над 4.000 деца е огромен предизвик за секоја држава. Нормално е да има некои недостатоци. Не постои држава на светот или Олимписки комитет на светот или град на светот што може да го организира без недостатоци и тоа е во ред“, вели министерот.

Според него проблемите кои се појавиле од техничка природа се работа што бараат две години претходно подготовка, а не два месеца пред фестивалот. 

„Кога ќе потпишувате еден ваков договор за сериозна организација, мора државата, заедно со градот којшто е домаќин или Олимпискиот комитет да работи на организација барем минимум две до три години, за да се создадат услови за беспрекорно работење или функционирање, одвивање на оваа Олимпијада. Зборувам сега за делот за во одредени сали кај што немаше ладење, да се стават клими уреди да се направи ладење. Ако има некој недостаток, не знам, технички на паркетот, на соблекувалните, се тоа да се изведе со време. Меѓутоа пак ќе повторам, за ваква сериозна организација треба минимум две години припрема за да ја претставите државата во едно светло, а второ и тие дечиња се чувствуваат комотно и да можат да го дадат својот најдобар спортски перформанс“, објаснува Министерот. 

На прашањето од „Радио Слободна Европа“ дека за заедничкото појавување на Ристовски и претседателот на МОК, Даниел Димевски, на отворањето на настанот, имајќи предвид дека министерот претходно го обвини Димевски за криминал и најави кривични пријави, минисетрот одговори:

„Моето мислење за него ќе го задржам за себе. Но имам обврска како министер и како претставник на државата-домаќин да бидам на тие настани. Поважен односот меѓу нас е како ќе се претстави државата и како ќе функционира организацијата,“ вели Ристовски, додавајќи:

„Што само по себе ќе каже дека мораме сите без разлика на нашите несогласувања што јас мислам за него или што тој мисли за мене, да си ги исполнуваме обврските во интерес на доброто на спортот и на тоа како треба да изгледа една Олимпијада.“

Министерот остро ги отфрли и обвинувањата од страна на СДСМ дека маркетингот на фестивалот го водела агенција блиска до него.

„Социјалдемократскиот сојуз не знаат како функционира системот. Соработувавме со МОК само технички и само кога тоа беше побарано. Нивната критика е политичка тема на којашто се налепија. Јас ги разбирам, ја разбирам нивната безидејност, навистина. Меѓутоа мислам дека на Македонија и треба едно политичко-социјална хигиена во делот на политиката.“ изјави Ристовски.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран