
Министерот за спорт, Борко Ристовски, реагираше на прозивките од страна на директорот на ФК Вардар, Миленко Неделковски, кој јавно постави прашања зошто институцијата не реагирала исто во случај со наводна навредлива песна поврзана со прославата на титулата на РК Пелистер.
Ристовски оцени дека ваквите тврдења се базирани на недоволна информираност, нагласувајќи дека Министерството не прави разлики ниту пристапува селективно кон слични ситуации. Според него, обидот да се претстави поинаков третман е неточен и создава погрешна слика во јавноста.
Во својата изјава, министерот се осврна и на контроверзниот момент од прославата на шампионската титула, кога во јавноста се појави видео со навивачка песна со навредлива содржина кон Битола и пејачката Каролина Гочева. Тој потсети дека по тој настан следела реакција и извинување од страна на ракометарот Филип Кузмановски, што, според него, е клучен факт што не смее да се игнорира.
„Не е точно дека не сме реагирале. Таквите констатации се неточни и имплицираат пристрасност која не постои. Мојата спортска кариера и минатото во Вардар, како и настапите за репрезентацијата, сами по себе ја демантираат таквата нарација,“ порачал Ристовски во гостување во емисијата „Директно“.
Тој додаде дека кога одговорноста не е придружена со искрено извинување, проблемот престанува да биде институционален и станува личен избор на поединецот. Министерството, како што нагласи, ќе продолжи да се води исклучиво од спортските принципи и вредностите што треба да бидат основа на секое спортско натпреварување.
Инцидентот, според објавите на социјалните мрежи, првично бил споделен токму на профил поврзан со раководството на ФК Вардар, што дополнително ја засили дебатата и реакциите во јавноста околу целата ситуација.
















