
Пари Сен Жермен и Баерн Минхен вечерва во 21 часот на „Паркот на принцовите“ го отвораат полуфиналниот двобој во Лигата на шампионите, пресметка која многумина ја гледаат како финале пред финалето, иако втората двојка, Атлетико Мадрид – Арсенал, се обидува да остане во сенка.
Станува збор за судир на два европски гиганти кои во текот на сезоната покажаа сличен фудбалски ДНК: висок интензитет, агресивен пресинг и постојана офанзивна намера. Не случајно и двете екипи имаат по 38 постигнати голови во досегашниот тек од натпреварувањето, што само ги засилува очекувањата дека вечерва би можеле да гледаме вистински голгетерски спектакл.
Баерн пристигнува со психолошка предност од преходно: пет последователни победи против ПСЖ во Лигата на шампионите и подобар меѓусебен биланс (9 победи наспроти 6), без ниту еден реми во 15 досегашни дуели. Дополнително, Баварците славеа и во лигашката фаза оваа сезона со 2:1 во Париз, што им дава дополнителна самодоверба.
Сепак, контекстот сега е поинаков. Парижаните под водство на Луис Енрике влегуваат во оваа фаза како актуелни европски шампиони и во значително подобра форма отколку на стартот од сезоната. Нивниот пат до полуфиналето добива посебна тежина ако се земе предвид елиминацијата на Ливерпул, додека Баерн се справи со Реал Мадрид, резултати што јасно покажуваат дека нема случајни учесници во оваа фаза.
Формата на двата тима во домашните првенства дополнително го зголемува притисокот и возбудата. ПСЖ доаѓа по убедлива победа од 3:0 над Анже и ја држи лидерската позиција во Лига 1, додека Баерн со драматичен пресврт против Мајнц (4:3 по 0:3) ја прослави својата 35. титула во Бундеслигата.
Иако фудбалската сцена очекува офанзивна претстава, двата тима влегуваат и со свои проблеми. Баерн е без Серж Гнабри, Рафаел Гереро и Ленарт Карл, а тренерот Венсан Компани ќе мора да го следи натпреварот од трибините поради суспензија. На спротивната страна, ПСЖ сè уште ја чека конечната одлука за Витиња, чиј настап останува неизвесен.
Во центарот на вниманието се и индивидуалните приказни. Капитенот на ПСЖ, Маркињос, е на чекор до историски рекорд и израмнување со Роберто Карлос по број на настапи во Лигата на шампионите (120), додека од друга страна Хари Кејн продолжува со неверојатна серија – пет натпревари по ред со погодок и вкупно 12 голови во ова издание на елитното натпреварување.























