
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска оствари средба со жителите на Бистрица, заедно со секретарот на општината Борче Димитровски, претставници од општинската администрација, директорката на училиштето, советот на родители, родители и наставници, на која беа презентирани активностите за реконструкција на поранешниот културен дом во спортска сала.
На средбата беше посочено дека проектот е инициран по барање на жителите на Бистрица, по што општината изготвила проектна документација и започнала со градежни активности. Сепак, при изведбата се појавил неочекуван проблем поврзан со септичката јама, која според првичната документација била лоцирана надвор од објектот, но на терен било утврдено дека таа навлегува во темелите.
„Со отпочнувањето на градежните работи се соочивме со ситуација која не беше предвидена во проектот, ниту во договорот. Затоа, пристапивме кон изработка на дополнителна проектна документација за решавање на проблемот со септичката јама“, информираше Коњановски.
Тој додаде дека општината ќе обезбеди дополнителни средства преку Советот и ќе склучи анекс на договорот со изведувачот, со цел непречено продолжување на градежните активности.
Со реконструкцијата, објектот со површина од 386 метри квадратни, по повеќе од четири децении ќе добие нова намена како современ мултифункционален простор за спортски и културни активности. Проектот предвидува модерни конструктивни решенија и функционална организација на просторот.
Вкупната инвестиција изнесува 37.599.966 денари, со можност за дополнително зголемување поради новонастанатите околности.
„Нашата цел е да обезбедиме максимална функционалност и квалитет, во согласност со програмските определби на општината“, истакна Коњановски.























