
Македонската ракометна репрезентација со високи амбиции и без респект кон фаворитите ќе зачекори на сцената на ЕХФ ЕУРО 2026. Иако жрепката не беше наклонета кон „црвено-жолтите“, атмосферата во националниот тим е исполнета со верба, самодоверба и желба за докажување.
Шефот на македонската делегација, Филип Миркуловски, отворено признава дека Македонија се најде во една од најтешките групи на шампионатот, заедно со актуелниот ракометен гигант Данска, силната Португалија и незгодната Романија. Сепак, тоа не значи дека македонските ракометари ќе настапат со спуштена глава. Напротив – планот е јасен: борба до последен атом сила и обид да се изненадат фаворитите.
„Сите знаат што значи Данска во светскиот ракомет. Тие се фаворити без дилема, но тоа не значи дека ние ќе калкулираме. Ќе играме храбро и со ист пристап против сите противници во групата“, порачува Миркуловски, нагласувајќи дека за него е чест да биде дел од репрезентацијата, иако сега придонесува од поинаква улога.
Според него, оваа македонска селекција поседува редок спој на младост, талент и веќе стекнато меѓународно искуство – комбинација која може да биде темел за сериозен напредок во наредните години. Очекувањата не се ограничени само на овој шампионат, туку и на континуиран раст и создавање репрезентација што ќе биде конкурентна на највисоко ниво.
Македонија својот настап на Европското првенство ќе го започне во петок од 20:30 часот, со дуел против кодомаќинот Данска – предизвик што веднаш ќе ја тестира силата и карактерот на националниот тим.



























