
Македонската машка ракометна репрезентација веќе е сместена во Прешов, каде ја очекува првиот и исклучително важен дуел од баражот за пласман на Светското првенство 2027 против Словачка.
Националниот тим патуваше со организиран чартер лет, со што стручниот штаб и играчите добија максимална комоција и можност целосно да се насочат кон натпреварот што ги дели од пласман на мундијалот.
Под водство на селекторот Кирил Лазаров, репрезентативците во краток, но интензивен период ја доработија тактичката подготовка и ги финализираа деталите за пресметката со Словаците, во обид да направат прв чекор кон пласман на големата сцена.
Првиот натпревар меѓу Словачка и Македонија е закажан за утре во 19:00 часот.
Реваншот ќе се одигра во Скопје, во недела, во СЦ „Борис Трајковски“, каде македонската публика ќе ја има шансата да ја поддржи репрезентацијата во решавачкиот дуел. Влезниците за овој натпревар се веќе во продажба, по цена од 400 и 500 денари.
















