Во интервју за подкастот „НЕФОРМАЛНО“ на каналот Сител Телевизија, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) зборуваше опширно за обновата на детските лиги, подобрената инфраструктура и новиот пристап кон развојот на младите таленти.
„Знаете, кога станав претседател на родителите не им беше дозволено да ја гледаат детската лига, трибините беа затворени и тоа веднаш го укинавме. Мене ми е тоа нонсенс, пред се, тие деца играат за некој да ги гледа, за кога ќе погледнат на трибинате да ги видат своите родители среќни и насмеани. Детската лига оваа година ја организиравме на еден добар, коректен и солиден начин, а децата видоа дека ни се битни. Јас скоро секоја сабота и недела поминував на терените околу фудбалската федерација ги гледав децата и навистина видов колку е тоа убава гледка“, рече претседателот на ФФМ.
Тој нагласи дека инвестициите во терените веќе се чувствуваат на дело:
„Прво ги средивме сите пристапни патишта, повеќе нема одење по кал, направивме скали и плато. Ги изреновиравме, односно ги исчистивме и префарбавме сите седишта. Ѓубрето на трибините го собравме, меѓутоа за месец дена пак ќе треба да фрламе ѓубре.. Имаме нова подлога на едниот терен, го обновивме со машинска обработка. Планираме и разговараме со градоначалникот на Аеродром ако има простор за уште еден до два терени, ако можеме да се прошириме. Во суштина комплексот е во многу подобра состојба отколку што беше порано, подбрени се условите, а сега ќе видиме и ќе мислиме што можеме друго да средиме за да има пситојни услуви за следење и играње на натпревари“, истакна Омерагиќ.
Говорејќи за иднината на талентираните млади, тој објасни дека Федерацијата менува стратегија во образовниот сегмент:
„Има многу работи кои што не беа исправни, ние донесовме одлука, сега нема да запишуваме нова генерација на академијата која што е во Фудбалската Федерација. Ќе се запишуваат само во средношколските фудбалски академии по градовите со Министерството за образование, нормално таму имаме соработка.“
Со овој „ресет“ – отворање на трибините за родителите, реновирани терени и нов систем за селекција – раководството најавува дека детскиот фудбал ќе стане главниот темел за идните успеси на Македонија. Фудбалската јавност, пак, со нетрпение ќе ги следи следните чекори на Федерацијата и ќе очекува резултатите да бидат видливи уште во претстојната сезона.